Почетна Архива на вести Музика на цилиндри
Музика на цилиндри
Напишано од Kjeaja   
Среда, 24 Септември 2014 10:18

Во триесетите години на XX век, се случија многу познати настани поврзани со Галичник, како изградбата на црквата „Св. Петар и Павле“, снимањето на првите документарни филмови за свадбените церемонии и за животот во Галичник воопшто, итн.


Хеимтрат Киперс, ќерката на Густав, со фонограмот, за време на снимањето во Галичник во 1939 година


Помеѓу снимањето на првиот холивудски документарен филм за галичките свадби во 1931 година и снимањето на првиот македонски филм во боја со сцени од Галичник во 1939 година, се случила важна посета на еден човек кој e заслужен за афирмација на музиката што се изведувала за време на свадбите, Густав Киперс-Зоненберг.

 

 

Насловната страна на цедето „Снимки на восочни цилиндри од југоисточна Европа“


Овој германски фотограф и новинар, чие хоби било снимање на етно музиката на повеќето европски народи, уште при првата посета на Галичник во 1935 година, се воодушевил од звуците на зурлите и тапаните и решил галичките свадбарски песни да ги вклучи во својата збирка со музички записи од народите од југоисточна Европа.


Дел од содржината на цедето „Снимки на восочни цилиндри од југоисточна Европа“


Интересно е тоа што песните ги запишувал на восочни цилиндри што претставувале типичен носач на звук за тој временски период, со помош на фонограм (примитивен грамофон). Во периодот од 1935 до 1939 при патешествијата низ југоисточна Европа, секоја година доаѓал во Галичник. Во 1939 година, кога по петти пат го посетил Галичник, од вкупно 27 снимени цилиндри со музика од југоисточна Европа за таа година, 15 припаѓале на галичката музика. За време на тој престој направил и 40 фотографии со мотиви од Галилник.


Дел од содржината на цедето „Снимки на восочни цилиндри од југоисточна Европа“


Во 2011 година Фонограм-архивот од Берлин прави избор од 74 песни од снимките од цилиндрите и ги сместува на цеде со наслов „Снимки на восочни цилиндри од југоисточна Европа". Меѓу шесте избрани македонски песни, дури 4 припаѓаат на галичкиот фолклор. Оваа збирка, како и останатите во сопественост на Фонограм-архивот од Берлин, е под заштита на УНЕСКО.


Сите македонски песни (освен првата и третата) што се најдоа на цедето „Снимки на восочни цилиндри од југоисточна Европа“ припаѓаат на галичкиот фолклор

 

Овој краток пост претставува оддавање почит кон делото на Киперс кој успеал на светот да му го приближи галичкото музичко наследство.

 
000webhost logo