Ќурков Дол
Напишано од Kjeaja   
Вторник, 17 Февруари 2015 11:41

На 15.2.2015 петмина планинари успешно ја „пресекоа“ планината Бистра за да стигнат до Ќурков Дол, највисокиот врв на нејзиниот централен масив. Врвот надвиснат над галичките бачила Салтаница и Соломуница, кој знаел многупати и среде лето да биде немилосрден со ниски температури, овојпат „понуди“ пролет среде пространството од снег и мраз што овозможи да не се почувствувува никаков замор од долгото пешачење во зимски услови и да се ужива во погледот што се протега наделаку во сите правци. Можеби има малку чудно име што асоцира на мисирка, но тоа се објаснува со фактот дека во минатото галичаните и останатите Мијаци кога сакале да ги премостат главните патишта што одат кон Маврово (едните од галичката западна страна, а другите од лазарополската источна страна) за да ги избегнат арамиските заседи по долината на Јадовска Река, честопати морале да се искачуваат до малото седло меѓу врвот и карпата и да се спуштаат во долот кон соседниот врв Голем Брзовец, притоа покривајќи се со нивните ќурки (дел од традиционалната мијачка облека во вид на долги крзна) за полесно да ги пребродат незгодните временски услови што владеат на тие височини.

 

Ова зимско патешествие во продолжение е изнесено во детали преку фотографиите на Борче, Боре, Зоки, Славчо и Велимир, а е посветено на галичанецот Ќирило Јанкуловски, голем познавач на Бистра кој и во последните мигови од животот не престана да им пркоси на нејзините висови и долини, и зиме и лете. Се надеваме дека ќе уживате како што знаеше да ужива и тој.

 

Припреми за поаѓање од паркингот пред ски-центарот во Маврово, со задолжително понесување на зимската опрема (кондури со тврд ѓон, дерези, цепин, ... и марама).

 

Патеката го следи текот на Мавровска Река притоа навлегувајќи во шумата. Пред влезот во шумскиот појас ни се придружија уште тројца „планинари“ без никаква опрема за кои се сомневавме дека ќе можат да нè следат до врвот. Поради можноста од наидување на подлабок снег над извориштето, ја скративме во два наврати.

 

На излез од шумата во близина на бачилото Чавкарник конечно се отвора погледот кон Ќурков Дол.

 

Поглед кон Маврово и Шар Планина.

 

Се отвори погледот и кон Горна Черкежица.

 

„Пирамидата“ над бачилото Чавкарник.

 

Во услови на длабок снег стандардната зимска патека оди преку врвчињата над Чавкарник и врвот Соломуница (на сликата пред нас) со десетина помали искачувања и спуштања. Во близина на Соломуница се наоѓа гробот на најстариот познат галички јунак Левенди Ѓуро.

 

Снегот иако длабок, беше подмрзнат, што ни заштеди време и наместо по зимската патека, одлучивме да го „пресечеме“ големото карстно поле Черкежица за да стигнеме во подножјето на врвот.

 

Иако најголемиот број од вртачите со кои изобилува карстното поле беа покриени со снег, овој под снежната стреа на Долна Черкежица беше јасно видлив.

 

Низ долината што ја спојува Черкежица со долината на Јадовска Река и подножјето на Ќурков Дол.

 

На подножјето на врвот, покрај Јадовска Река која го заобиколува од север и од запад. Стрмните страни на врвот имаат неколку лавински делови и затоа треба да се внимава како ќе му се пристапи.

 

Бидејќи дојдовме од долината што се поврзува со Черкежица, искачувањето го направивме по стрмниот северен раб. Доколку се пристапува од Соломуница, тогаш се користи североисточниот срт кој е малку поблаг.

 

Поглед кон долината на Јадовска Река, најдолгата река на планината Бистра и една од најголемите реки понорници во Македонија. Делот од изворот до местото каде што понира на североисточната страна на Ќурков Дол е познат како Бистрица. Повторно се појавува кај месноста Јадово на југозападната страна на врвот. Само во услови на голема влажност водата успева да го спои целото корито.

 

Меѓу карпите на Ќурков Дол постои мала пештера која сега беше „затворена“ од снегот.

 

„Домарот“ на пештерата барем до пред неколку години, беше мечка, што е малку невообичаено со оглед на тоа дека се наоѓа на речиси 2000 м.н.в. На Боре и на кучињата не им е страв да не ја разбудат.

 

Се отвори погледот кон планината Кораб со највисоките врвови.

 

Веднаш под Ќурков Дол е врвот Мал Брзовец, па позади него Лазарополе и на крај целиот масив на планината Стогово.

 

Врвот Голем Брзовец (2085 м.н.в.), заедно со Ќурков Дол се двата највисоки на централниот дел од Бистра. Во позадина се гледа кичевскиот дел на Бистра со врвовите Бистра 2102 м.н.в. и Думовица 2042 м.н.в.

 

Ладење на ракијата на замрзнатото ќуле на врвот.

 

Прекрасен поглед кон Мавровското Езеро со врвовите Кожа, Морава и Лера над него, а на крај се нижат останатите врвови од јужниот дел на Шар Планина: Радика, Мала Враца, Голема Враца, Мала Рудока и Голема Рудока.

 

Кучињата „машки“ го издржаа ова искачување (иако меѓу нив имаше едно „девојче“) и уживаа во погледот кон Вели Врв и Суво Поле во преден план, како и трите „фараони“ на планината Дешат: Црвена Плоча, Рудина и Голем Крчин.

 

Мијачкото знаме го заборавивме, но и вака не е лошо.

 

На враќање од врвот првата стрмнина ја симнавме малку позападно од патеката на искачување, но снегот беше толку добар што беше вистински одмор за нозете.

 

Вториот спуст кон Јадовска Река беше исто така лесен бидејќи во меѓувреме сонцето малку го омекна снегот. За среќа тоа не беше случај и со полето, па можевме мирно и без многу напор да се вратиме по истата патека без да пропаѓаме во длабок снег освен во 3-4 наврати кога пропаднавме до појас на места каде што имаше смреки.

 

Покрај неколкуте зајци што ги сретнавме попат и кои неколкупати ни го разгазуваа снегот, на влезот со Маврово забележавме и по неколку патки. Можеби мечки и волци не видовме ама зајци, кучиња и патки се изнагледавме, колку да не е без ич.

 

За искачување на Ќурков Дол, во нормални услови најдобро е да се тргне од парингот пред хотелот „Макпетрол“, но во неделата очекувавме голема посетеност од љубителите на зимските спортови и можевме да „заглавиме“ со возилата.

 

Назад во цивилизацијата и во гужвата на ски центарот. Иако целиот ски центар се гледаше од врвот, гужвата и бучавата не допираа дотаму. Во тоа е и убавината на ваквите искачувања и секогаш на враќање ни е жал што не можеме подолго да останеме.

 

Во најголем дел изминатата патека се поклопува со летната патека, која треба да се избегнува во зимски услови поради големите наноси на снег над извориштето на Мавровска Река. Исто така треба да се пази при преминување на полето Черкежица, доколку се пропаѓа повисоко од колената тогаш подобро е да се сврти малку на исток и преку бачилото Чаварник по сртот на Соломуница да се дојде до Ќурков Дол. Со тоа можеби ќе изгубите некој час, но ќе бидете поодморени.

 

На врвот измеривме 2123 м.н.в. На поновите карти е 2110 м.н.в. додека на некои постари е 2141 м.н.в. колку што измеривме и пред неколку години, што значи дека најновото мерење е некаде на средина и можеби е најточно. Без разлика на тоа кога ќе се искачите на врвот имате чувство дека сте на многу поголема височина поради тоа што околните врвови на планината се многу пониски и има големо пространство на високопланински пасишта покриени со снег што овозможува погледот да се шири во голема далечина на сите страни. Должината на патеката во двата правци поради нашето „кратење“ не надмина 17 километри, за разлика од вообичаената која изнесува околу 20. Времетраењето на нашето искачување изнесуваше 4 часа и 10 минути при што воопшто не форсиравме за да уживаме што повеќе во прекрасниот амбиент, а вкупно поминавме околу 8 часови вклучувајќи ги неколкуте помали паузи и подолгиот престој на врвот.

 

 
www.000webhost.com