Почетна
Колонија за Чалоски
Напишано од Kjeaja   
Понеделник, 26 Октомври 2015 22:41

На 23 и 24 октомври во Галичник се одржа 21-вата Галичка книжевна колонија. Малку невообичаен термин ако се знае дека во секоја од претходните години македонските литературни дејци се собираа околу празникот Илинден да прочитаат нешто од своите трудови пред галичани. Овојпат, за време на еден друг празник, книжевниците се собраа не само „за атер“ на галичани и за да не се наруши континуитетот во одржувањето на книжевната колонија, туку за да оддадат почит кон еден од нејзините основачи и долгогодишен организатор. Само што овојпат тој не беше физички присутен.

Од атмосферата во црквата Св. Петка (фотографија на Киро Кипроски)

Од друга страна, во тие студени есенски денови, галичани, иако во не толку голем број како лете, со внимание ја проследија колонијата, но не само за да ги чујат делата на учесниците, туку пред се, да оддадат почит кон нивниот сограѓанин, поет и публицист, Тодор Чалоски. Само што овојпат тој не беше физички присутен.

Колонијата започна во црквата Св. Петка со читање на извадоци од неговите дела и пренесување на сеќавањата за него. Како што течеше атмосферата и се редеа стиховите и спомените, сите гости, без разлика дали се работеше за колегите или за „земјаците“, сфатија дека Чалоски сепак уште долго ќе биде присутен меѓу нив, но на малку поинаков начин.

А чичко Тошо си замина ненадејно, токму во екот на подготовките за Галичката книжевна колонија. Затоа таа и не се одржа летово. Но многумина сметаа дека таа заслужува да се одржи и тоа во негова чест. Многу години, пред големиот поет да го заврши својот животен пат, неговите стихови беа запишани во новоотворениот музеј на галичкото културно наследство, рамо до рамо со Григор Прличев и Блаже Конески. Во една прилика рече дека тоа му е најсреќен момент во животот. Без разлика што оваа книжевна колонија посветена нему, помина скромно, кога би можел да ја види таа атмосфера на беседење, прошарана со аплаузи и со по некоја солза, тој сигурно би бил уште посреќен од мигот кога го виде своето име и стихови на позлатената плоча во музејот.

На галичани, на неговите пријатели и колеги останува да ја продолжат неговата дејност и да овозможат Галичката книжевна колонија да го надживее за уште многу години. Само што овојпат таа нема да биде „колонија на Чалоски“ туку „колонија за Чалоски“.

 
www.000webhost.com