Почетна Архива на вести Зимски авантури
Зимски авантури
Напишано од Kjeaja   
Четврток, 07 Јануари 2016 15:06

Зимата 2015-2016 за Галичник ќе биде посебна. Не поради (не)проодноста на патот од Маврово, не поради временските (не)прилики, не поради (не)организираните прослави на новогодишните празници, туку поради тоа што за прв пат по речиси половина век Галичник ќе мoже организирано да биде посетен од туристи кои ќе уживаат во зимските убавини што ги нуди неговата блиска околина. Марко Бекриќ, реализаторот на проектот „Галички зимски авантури“, реши да стави крај на долгиот период во кој Галичник зимно време воопшто не беше посетуван од организирани групи, што последен пат се случило во шеесетите години на минатиот век со последните училишни екскурзии и со последните активности на планинарското-смучарско друштво „Галичник“.

Во продолжение следува детално објаснување на Марко за неговиот проект, со неколку фотографии од пејзажите што може да се доживеат зимно време во Галичник.

Самиот концепт на идејата за промоција на убавините на Галичник во текот на целата година, потекнува од желбата да се понуди нешто несекојдневно. Од друга страна требаше да се искористи позитивното од тоа што Галичник е непрооден за возила преку зима, и единствениот начин да се стигне до него е пеш. Не можам да скријам дека секоја зима кога одев рекреативно, сакав да му покажам на светот што нуди природата надвор од преполните скијачки терени, и така собрав храброст да почнам нешто сосема ново и необично.

Откако нашите гости ќе се одлучат за оваа авантура, тие најпрво треба да пристигнат во селото Јанче. Таму ќе бидат пречекани од најмалку двајца водичи, додека истовремено во Галичник ќе има уште двајца кои се одговорни за оброците и останатите потребни услови за престој. Нашиот капацитет за гости изнесува 10 луѓе. Во зимски и снежни услови нудиме движење во една подолга релација (Јанче - Галичник и обратно) и неколку помали локални прошетки околу Галичник. Рутата за планинарење од Јанче преку месноста Скала изнесува 5.5 километри движење по обележана планинарска патека. Изборот падна на оваа рута бидејќи со години таа е најкористена зимно време, а исто така мора да се каже дека тој дел е најсоодветен за пешачење бидејќи, за разлика од другите опции за пристигнување во Галичник, тука снегот не се задржува во големи наноси. Патем да не ја заборавиме и Софина Чешма која се наоѓа приближно на половина пат пешачење, бидејќи таквите природни извори се секогаш добредојдени кога се планинари.

Што се однесува до другите опции за пристигнување во Галичник, постојат планови и ветувања од страна на соседните туристички локали во Маврово, за воведување туристичка линија до Галичник со посебно возило со гасеници, но сето тоа сега за сега не е реализирано. Често се случува да дојдат гости со моторни санки, но тоа е во нивна приватна организација. Опцијата од Сенце преку Требишка Рупа не е затворена, но ние ја нудиме само на исклучително кондициски спремните групи, поради големите количини на снег што се задржуваат таму. Освен отежнато движење во длабок снег, се наидува и на лоша маркација поради затрупаност на патот. Исто така, голем дел од таа рута има слаба покриеност со сигнал за мобилните телефони, а станува збор и за лавинско подрачје, па тие ризици можат да ги прифатат само искусни групи посетители што се случува многу ретко.

Од зимските искачувања кон околните врвови, засега организираме искачувања до Меденица и до Карбула како највисоки и најатрактивни во околината на Галичник, што не значи дека во иднина ќе ги запоставиме и другите врвови. Овие врвови ги покриваме и летно време како дел од велосипедските акции. Зимска опрема за гостите не планираме да обезбедиме бидејќи секој посетител има различни потреби, но затоа при првичниот контакт остварен со гостите им се објаснува што им е потребно за да ја изведат успешно авантурата што ја планираат и што можеме ние да понудиме како помош. При запознавањето со гостите им даваме инструкции во врска со користењето на зимската опрема и движењето по снег.

Поради карпестиот предел помеѓу Јанче и Галичник, конкретно на потегот Гладеж-Долна Нива-Горна Нива, при пристигнувањето во Галичник има големи шанси да се видат диви кози. Благодарејќи на ненаселеноста на Галичник зимно време, во блиската околина на селото може да се сретнат зајаци, лисици, куни, јазовци па дури и волци. Во делот спроти селото, односно пошумениот предел може да се видат врвици од диви свињи, но тоа се случува доколку нема голем снег и нивната храна не е затрупана. Карактеристични диви животни се и срната и рисот, но потребна е исклучителна внимателност при движењето за да се забележи такво животно.

Би сакал да ги потсетам надлежните органи дека Галичник не живее само за Петровден и за Павловден, бидејќи за развој на руралниот туризам не се доволни само два дена, ниту пак само двајца луѓе. Ова што го правиме ние во Галичник е доволно оригинално за да добиеме внимание и ние и селото, бидејќи со поддршка од државата и од општината може да докажеме дека туризмот на некои места не е само сезонски. Следејќи го мојот пример, може да се докаже дека туризмот во нашата земја не се сведува само на две-три познати места, и дека работните места не се наоѓаат само во Скопје.

 
www.000webhost.com