Почетна Останати теми Познати личности од Галичник
Познати личности од Галичник PDF Печати Е-пошта
Слика
Личност Инфо

Арсениј

(1760 ? - 1839)

Архимандрит и игумен на манастирот „Св. Јован Бигорски“ на почетокот на 19-иот век. На негова иницијатива е изграден најголемиот дел од денешниот изглед на манастирот вклучувајќи го и надалеку познатиот иконостас.

Болиноски Генади

(1930 - 2006)

Поет, писател и раскажувач, долгогодишен член на Друштвото на писателите на Македонија. Работел и како новинар и уредник во Македонската Радио Телевизија. Добитник е на наградата за најдобра книга за деца на „Струшките вечери на поезијата“.

Брезоски Славко

(1922)

Професор по архитектура на Архитектонскиот Факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Меѓу најзначајните негови дела се вбројуваат соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје и хотелот „Неда“ во Галичник.

Владически Влатко

(1965)

Еден од најдобрите кошаркари во македонската историја. Играл за најдобрите македонски тимови во 90-ите години, како Работнички и МЗТ.

Дојчиноски-Росоклија Стојче

(1924 - 2014)

Истражувач и промотор на културното наследство на Галичник. Автор и издавач на повеќе трудови и списанија за родниот крај, вклучувајќи го и неговото најзначајно дело - книгата „Галичник во културната историја на Македонија“. Дава голем придонес за ревитализација на Галичник.

Дренкоски Јаков

(1953)

Еден од најдобрите гитаристи и музичари во македонската поп-рок историја. Автор е на значителен број некомерцијални хитови, како „Скитник“, „Сеќавање на првата љубов“, "Midnight cowbot", ...

Дукоски Дејан

(1969)

Театарски, филмски и телевизиски сценарист. Автор на неколку популарни театарски претстави. Работи како асистент на филмски и телевизиски сценарија на Факултетот за Драмски Уметности во Скопје.

Ѓиноска-Илкова Весна

(1973)

Еден од најпознатите оперски пејачи во Македонија. Зад неа се голем број улоги во оперски претстави, како и солистички концерти. Своите можности ги има прикажано и на сцените при многубројните гостувања во странство.

Ѓиноски Алекса

(1851 - 1894)

Еден од пионерите на македонската фотографија. Помеѓу 1870 и 1894 година има направено прекрасни фотографии од Македонија и јужна Србија. Отворил свое атеље во Врање. Основач е на театарот во Подгорица.

Ѓиноски Василко

(1848 - 1924)

Еден од најплодните македонски иконописци кој насликал над 130 цркви во Македонија, Црна Гора, јужна Србија и Косово. За неговата работа е награден со највисоки црковни почести. Добитник е и на признанија за неговите изложби во Париз и Лондон.

Ѓиноски Панајот

(1841 - 1886)

Собирач и издавач на македонски народни песни и други голклорни и етнографски материјали. Автор е на зборникот на историски, лексикографски, фолклорни и етнолошки елементи, напишан на галички дијалект, од кој се дознава многу за историјата на Галичник во 19-иот век.

Ѓиноски Теофил

(1846 - 1894)

Камено-резбар и иконописец. Го поминал поголемиот дел од животот работејќи во Црна Гора каде во тандем со брат му Василко, оставил импресивно наследство во учеството во изградба на над 100 цркви.

Зографски Партениј

(1818 - 1876)

Првиот македонски епископ за време на турското владеење и еден од најобразованите Македонци во тоа време. Бил истотака писател, лингвист и близок пријател на браќата Миладиновци. Во своите трудови прави разлика на македнскиот јазик од Бугарскиот, на тој начин директно противејќи се на странските пропаганди кои го негирале македонскиот јазик.

Личеноски Лазар

(1901 - 1964)

Основоположник на современото македонско сликарство. Автор е на можеби најзначајните дела во историјата на македонската ликовна уметност. Мотиви најчесто му се пејсажите од родниот крај и низ Македонија.

Лоноски-Огњановиќ Риста

(1870 - 1941)

Собирач на фолклорен материјал и истражувач на галичкото културно наследство. Неговите дела служат како потврда на историските факти за Галичник. Негова оставштина е вилата „Доста“ во Галичник во која денес е сместен музејот на галичкото културно наследство.

Пулески Ѓорѓија

(1820 - 1895)

Веројатно најважната личност во историјата на Галичник и Македонија. Овој војник, писател, историчар и лингвист, земал учество во неколку војни и востанија од значење за Македонија. Основач е на литературни друштва и автор на првата македонска граматика, неколку речници, поеми, и секако првата издадена книга за македонската историја.

Сариески Александар

(1922 - 2002)

Доајен на македонската народна песна, тапанар во „Танец“ и врвен интерпретатор. Носител на голем број награди и признанија. Голем дел од песните што ги испеал се со теми од родниот крај, а воедно тие и му се најпознати како: „Зајди зајди“, „Кондисал Ајрадин Паша“, „Бог да убиет Дебрани“, „Филизој моме“, „Илино моме“, „Луди млади години“, ...

Томоски Тодор

(1815 ? - 1876)

Еден од ќеајите, заштитник на Галичник од непријателите за време на турското владеење. Пронашол начин да се спријатели со султанот Абдул Азис со цел да се бори против заедничкиот непријател - локалните владетели и арамиските банди. Дури привремено под негова команда му била дадена султанската армија за да се справи со непријателите од околината на Дебар. Тоа е причината зошто локалното население го знае и како „Тодор Томе - џинсе крале (полу крал)“.

Томоски Томо

(1790 ? - 1856)

Еден од ќеајите, заштитник на Галичник и татко на Тодор Томоски. Тој е една од причините зошто Ајрадин Паша не го уништил Галичник, помагајќи му да се справи со неговите претпоставени кои не ја почитувале власта на султанот. Бил лут непријател на арамиските банди кои константно му претеле на Галичник и целиот регион. Поради тоа бил убиен во заседа во областа Јама.

Фрчкоски Апостол

(1876 - 1939)

Голем македонски патриот, поет, зограф, еден од последните мајстори од лозата на Фрчкоски. Најважната улога ја одигрува како началник на Кичевско-Дебарскиот револуционерен округ во 1902-1903 и посебно за време на Илинденското востание летото 1903 година. Истотака бил и градоначалник на Галичник за време на бугарската окупација 1915-1918.

Фрчкоски Макарије

(1806 - 1849)

Истакнат резбар, мајстор на Дебарската резбарска школа. Заедно со Петре Филипоски-Гарката и нивната тајфа ги изработија прочуените иконостаси на манастирот „Св. Јован Бигорски“ и на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Хаџиевски Драган

(1928 - 2015)

Професор и основач на сеизмолошката опсерваторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Еден од најпризнатите научници во областа на геофизиката и сеизмологијата.

Чалоски Тодор

(1945 - 2015)

Поет, литературен критичар, новинар, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и основач на Галичката книжевна колонија. Во своите дела најчесто инспирација му претставува Галичник. Добитник на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Григор Прличев“.
 
www.000webhost.com