Почетна Останати теми Спомени на Апостол Христов Фрчкоски
Спомени на Апостол Христов Фрчкоски
Ова се извадоци од запишаните спомени на Апостол Христов Фрчкоски, во кој дава осврт на  состојбите во Кичевско-Дебарскиот револуционерен реон за време на Илинденскиот период, додека тој раководел со него, како и активната улога на галичаните.

Галичаните и до денес го чествуваат Илинден - од 100 годишнината на Илинденското востание
 
Спомени на Апостол Христов Фрчкоски
роден од гр. Галичник
 
Кичевско-Дебарскиот револуционерен реон се состоеше од три подреона:
     1. Галичко-Рекански;
     2. Дебарски;
     3. Кичевски;
 
Галичко-Реканскиот револуционерен подреон се состоеше од сите села, кои ја сочинуваа турската административна област (околија), наречена Реканска област, вклучително и селата од Гостиварска околина: Маврово, Леуново и Никифорово. Центарот на околискиот реонски комитет беше Галичник, со псевдоним Миродита.
 
Во месец август 1902 година кичевско-дебарскиот војвода Јанаки Јанев и помошниците војводи Максим Ненов и Павле Карахасан, секретарот на четата Георги Савов со четниците пристигнаа во Галичник, се сместија во куќата на Павле Стефанов Ажиески. Во таа куќа војводите ги свикаа сите првенци на Галичник, кои во тоа време се наоѓаа во градот и тие кои се јавија со готовност за соработка. Пред нив војводите им ги изложија подетално задачите и целите на ВМРО, кои тие треба да ги прифатат ако сакаат да стана членови на организацијата, па треба да ја положат установената од уставот заклетва, при што ги предупредија, дека членовите на организацијата кои работат спротивно на статутот на организацијат ќе бидат казнети со смрт. Со оглемо воодушевување сите присутни изјавија желба да станат верни членови на ВМРО и доколку силите им дозволат, да работат и да се борат под нејзиното знаме за остварување на целта на ослободително дело, по што еден по еден станаа и според возраста се заколнаа пред камата и револверот, го бација крстот, ножот и револверот и поминаа под пушките на четниците, со кои што беа завенчани. Така стана покрстувањето на присутните галичани, кои од тој момент веќе го носеа тешкиот крст на организацијата. По тоа се пристапи кон избор на окружната власт на Галичко-Реканскиот револуционерен подреон.
 
За членови на окружната власт беа избрани следните лица од Галичник:
     1) реонски началник: Јанаки Томов;
     2) касиер: свештеник Амвроси П. Милетиев;
     3) советници: Васил Х. Чоланчески, Иван Т. Гиноски, Павел С. Ажиески, Михаил Лакински и Аврам Тортески;
     4) главен курир: Марко Симонов Плешка;
     5) помошник курир: Лука Г. Плешковски, Пејчин Томоски, Тома Ажиески и Евгени Цветков (од с. Сушица);
Освен тоа, се избраа за курири и следните жени: Калја Спирова Чаческа, Струмка Симоница Едиковска, Велика Георгиева Пулевска (подоцна убиена од аскерот за време на исполнување на должноста во месноста Угорнички мост, одејќи за Дебар), Авросица Ката Колјовска, Авра Дамјаница Панговска и Дели Софка Церговска. После овој настан избраните курирки имаа голема улога и кај окружната власт послужија за организирањето на жените во целиот реон, и тие земаа активно учество во подготовката на Илинденското востание заедно со мажите.
 
По ова, за услуга на окружната власт и во содејствие на Апостол Фрчкоски за секоја евентуалност се формираа две месни чети само од галичани од по 20 души и сите беа составени исклучиво од синовите на галичките првенци, по што за војвода на едната чета беше избран, Мане Томоски, а на втората Михаил Зрзоски. И двете месни чети беа раководени од Апостол Фрчкоски, кој ги користеше во многу акции и тоа при собирање на оружје, собирање на алишта, храна и др.
 
Отпосле сите жени од Галичник биле свикани по неколку групи во црквата „Св. Петка“ под изговор дека ќе има црковна служба, но откако им беа објаснети задачите на организацијата на секоја група и беше дадено да положи заклетва. Потоа се избраа стотарки и десетарки, и сите тие беа подчинети на својата окружна власт, а началница на сите жени беше Васевица Чоланческа, која беше во непосреден контакт со окружната власт и ги исполнуваше наредбите на Галичко-Реканското револуционерно началство.
 
Од 15 август 1902 година до 20 јуни 1903 година гореизбраното управително тело заедно со сите свои подоргани пројави доста голема дејност во организационото дејствување и во собирањето на облека, оружје и пари, па собраните суми ја надминаа цифрата од 560 (петсто и шеесет) златни наполеони, кои се чуваа кај касиерот поп Амвросиј, и се употребуваа за организацијата. На конгресот, одржан на 23 април 1903 година во с. Смилево, се донесе конгресно решение, целиот Галичко-Рекански реон да стане легален по објавување на востанието, за да може, доколку силите му дозволат, да биде на услуга на востаничкиот Кичевски револуционерен реон, за да му доставува се што ќе му биде потребно како: храна, облека, пушки, патрони, медикаменти од една страна, а од друга во случај на притисок на турските војски во Кичевскиот реон да можат од Кичево да се префрлат во Галичко, каде ќе бидат прикриени. Истовремено се водеше сметка ако мирното население од Кичевско и Демирхисарско остане без подршка, да се насели во галичките села, кои се богати гурбетчиски села и со масивни триетажни и двоетажни куќи.
 
Спротивно на тие конгресни решенија Галичко-Реканскиот ревоуционерен комитет, сакајќи и тој да земе активно учество во претстојното сенародно востание во Западна Македонија, реши, во согласност на војводата Јанаки Јанев, да го испратат помошникот војвода Максим Ненов во Софија, за тој да набави оружје и да собере и да комплетира една доста голема чета од доброволни емигранти во Бугарија, родум од Галичко и Дебарско, со која чета да може да пристигне за време на летото 1903 година, и за да може со таа голема чета Галичко-Реканскиот револуционен реон да земе учество.
 
www.000webhost.com